Незборавно доживување со галебите на Тасос



На Тасос ќе најдете и мир и забава, зависно од тоа како го замислувате вашиот одмор. Може да го истражувате овој северен грчки остров со автомобил, ваш или изнајмен, со изнајмен мотор на четири тркала или, пак, со бротче.

Овојпат ви ја претстануваме Лименарија заедно со два одлични хотели за незаборавен одмор.

За да стигнете до Лименарија, ви препорачуваме да фатите траект во Керамоти, кој ќе ве донесе до најголемиот град на островот – Лименас. Овде траектите тргнуваат на секој половина час, 45 минути или најмногу за час, во двете насоки. Траект може да фатите и во Кавала, и тој ќе ве донесе до Скала Принос, но имајте предвид дека тука има вкупно пет траекти во текот на денот и ќе мора добро да го испланирате патувањето за да не ви помине денот во чекање.

Самото патување до Тасос, околу 40 минути, е прекрасно доживување, особено рано наутро. Галебите, илјадници, цели јата, се редовни гости на траектите. Патниците тоа најчесто го знаат однапред, па подготвени ги дочекуваат и ги хранат. А птиците се толку питоми, што јадат во лет, од рака. Понесете смоки, кекси или лепче и одморот загарантирано ќе ви почне со позитивни вибрации и возбуда. Галебите ќе бидат ваше често друштво додека сте на Тасос, дури и на плажите пред хотелите, покрај самите лежалки, особено рано наутро или на зајдисонце.


Лименарија се наоѓа на јужниот брег на Тасос и е втор град по големина на островот. Од Лименас дотаму има околу 45 минути возење по западниот брег, додека од Скала Принос возењето е половина час.

Локацијата е одлична – на пристаништето ќе најдете бротчиња што крстарат по целиот јужен брег или по други маршрути. На само 3-4 километри од Лименарија се наоѓа Потос. Двете гратчиња се поврзани со пешачка патека, па доколку сакате подолги прошетки, може дотаму да стигнете и пеш.


 

Прошетајте го Тасос

На 20 минути возење со автомобил од Лименарија се наоѓа познатата природна атракција Гиола, базен во карпи со кристално чиста вода. Што се однесува до прекрасните плажи по кој е познат Тасос ви ги препорачуваме – Псили Амос на само 12 минути возење и Алики – оддалечена половина час возење. Прочуените Golden Beach и Салиара (Мермерна Плажа) се наоѓаат на источниот брег и дотаму имате приближно еден час возење. Но ќе ви се исплати! Секако, тука се и голем број мали но неодоливи плажички. До некои од нив може да пристапите само со бротче

*Уште една корисна информација – водата на Тасос се пие.