Бањите на Словенија: Птуј, Раденци и Моравске Топлице


Бањите или терме, како што ги нарекуваат Словенците, се една од многубројните причини поради кои треба да ја посетите Словенија. Популарни се преку целата година – ги посетуваат затоа што се лековите и за рехабилитација, за викенди или на летување, но ние овојпат сакаме да ви ја претставиме нивната зимска страна.
Птуј, оддалечен 120 километри од Љубљана, е град со големо културно-историско наследство, познат по термоминералните извори и гастроносмките специјалитети. Стариот град со дворецот, кој денес е претворен во музеј, Доминиканскиот и Миноритскиот манастир сведочат за дамнешни времиња. 

Во прегратките на најстариот град се развиваат најмладите бањи во Словенија – Птујските. 
Овие бањи нудат голем број спортски активности, како што се фитнес, тениски центар, пинг-понг, мини голф, игри со топка, куглање, возење велосипед, јавање, пешачки тури и сплаварење по Драва.
Водата извира од три врела од длабочина 1050-1590 метри. Извира со температура меѓу 39 и 54 степени и е корисна при лекување и рехабилитација на ревматски, дегенеративни и невролошки заболувања, но и за едноставно уживање.
Лоцирани во покраината Помурје, покрај самата река Мура, бањите Раденци се словенечко лекувалиште со традиција од 1882 година кога првпат било забележено лековитото дејство на Слатина, а подоцна и јаглеводородните термоминерални води. Познатата термална вода „Раденска – три срца“ се пиела и на виенскиот двор и во Ватикан.

Денес овие бањи на своите гости им нудат современи здравствени, превентивни и рекреативни програми што се базираат на долгогодишната традиција за лекување заболувања поврзани со срцето и крвотокот, болести на бубрезите, на мочните патишта и ревматски заболувања. Дури и да немате потреба од рехабилитација, прекрасната природа и одличните спа-услуги се доволна причина за да ги посетите бањите Раденци – одличното расположение со кое ќе се вратите е загарантирано.
Овие бањи се наоѓаат на самиот североисток на Словенија – природните услови овде се идеални за опуштање и за полнење батерии.
Прочуената „црна“ термоминерална вода извира на длабочина од речиси 2.000 метри и е одлична за третман на ревматски и кожни заболувања, но и едноставно за релаксација. Водата на Моравске Топлице го подобрува крвотокот и докажано ја намалува напнатоста.
Освен тоа, гарантирано ќе уживате во современите, одлично уредени хотели, како и во низа зачувани елементи од старата прекумурска архитектура.