Езерата на Италија и градовите на Енцо Ферари


 Повеќе од 1500 езера се наоѓаат на територијата на Италија и секое од нив е еден живописен свет што треба да се искуси. Ние денеска ќе ви зборуваме за две од трите најголеми – Лаго Гарда и Лаго ди Комо и сето она што може да го видите во нивна близина.

Италија е секогаш добра идеја, а Верона е една од дестинациите што заслужуваат да се најдат на вашата мапа. Градот на Ромео и Јулија е навистина прекрасна разгледница од Италија – од плоштадот Бра, каде што се наоѓа познатата Арена, улицата Мацини, плоштадите Ербе и Деи Сињори. На последниот не пропуштајте ја статуата на Данте. Секако, задолжителна дестинација во Верона е и куќата на Јулија.


ГАРДА – НАЈГОЛЕМОТО ИТАЛИЈАНСКО ЕЗЕРО

 
А кога сте во Верона, ние ви препорачуваме една фантастична екскуризија – езерото Гарда. Ако ги прашате Италијанците, ќе ви кажат дека е најпогодно за семејно патување од сите италијански езера и најмногу ориентирано кон водени спортови. Ние би рекле, идеално е буквално за сите – и семејства, и парови, и одлично друштвенце.
Најголемото италијанско езеро, се наоѓа на север од Верона и се протега од ниските ограноци на Алпите до долината на реката По. Неговиот брег е исклучиво живописен со голем број шаренолики гратчиња и селца. Посетете го симпатичниот град Сирмионе, сместен на полуостров што навлегува длабоко во езерото. Препознатлив е по тесните улици и симпатични куќички. Тука ќе ја видите и тврдината Скалигера од 13 век, како и повеќе староримски градби. 
Климата на Гарда е пријатна и блага преку целата година, па несомнено ќе уживате ако се одлучите да го посетите и во зимските месеци, особено во празничната сезона кога добива посебна весела и магична атмосфера.

КОМО – И ГЛАМУР И МИР

 Многумина се согласуваат дека не постои друго место во Европа што евоцира слики истовремено и на убавина, гламур и мир повеќе од Лаго ди Комо. Децении наназад тоа е омилена дестинација на богатите и славните. Повеќемина ѕвезди, меѓу кои и Џорџ Клуни, Стинг и Ричард Бренсон, имаат свои имоти на ова езеро. Тука се снимани сцени од голем број блокбастери како Star Wars, James Bond – Casino Royal, Ocean’s Twelve...  И не само ѕвезди, Комо е магнет за туристи. 

Езерото Комо е трето по големина во Италија, но убедливо е најатрактивното. По форма личи на превртена буква Y, а неговите брегови изобилуваат со отмени градини, луксузни вили и симпатични селца. Сценографијата остава без здив.

Градот Комо се наоѓа на крајот од западниот крак на езерото и е најголем во овој реон. Има некој посебен шарм, кој ќе го почувствувате веднаш штом ќе влезете во него. Познато е по продавниците за свила, па планирајте барем краток шопинг. Во центарот доминантна градба е катефралата – Дуомо, изградена во 15 век. Нејзината градба е микс од готска и ренесансна архитектура.

Комо се наоѓа на помалку од еден час возење од швајцарското Монте Карло – Лугано и одлична идеја е да го вклучите во оваа прошетка. Црквите Сан Роко, Сан Антони, Сан Мариа ди Анџело, стариот град и неговите плоштафи Пјаца Чиочара, Пјаца дела Реформа, палатата Сивико, прекрасниот Парко Сивико... се мало швајцарско волшепство.


ГРАДОВИТЕ НА ФЕРАРИ

Додека го истражувате овој дел на Италија, ви препорачуваме уште една дестинација – градовите на Ферари – Модена и Маранело. Од Верона се оддалечени час и половина.

Модена е препознатлива токму по автомобилската индустрија. Тоа е родниот град на суперавтомобилите како „ферари“, „монсерати“ и „ламборџини“, на најпознатиот светски тенор Лучијано Павароти, како и на познатото италијанско вино „ламбруско“.

Не заборавајте да ги посетите плоштадите Гранде и Данте, Катедралата на Модена, Градската куќа, црквата Сан Доменико, палатата Дукал, која денес е воена академија, воен музеј и библиотека.
Во Модена се наоѓа музеј-куќата на Енцо Ферари, посветен на креаторот на култното возило што го носи неговото име. Музејот има уникатна архитектура и на прекрасен начин ја раскажува успешната приказна на Енцо Ферари. Во непосредна близина се наоѓа и Маранело, градот во кој сè е во знакот на Ферари. Тука се наоѓа Музејот Ферари, создаден за вистинските вљубеници во автомобилската индустрија со ретки експонати на возила. Тука може да искусите и Формула 1 симулатор, адреналинско искуство што ќе го паметите.

 

Ако размислувате каде да ја почнете новата 2019 година – Верона е прекрасна дестинација. И ако ги додадете градовите на Ферари, езерата Гарда и Комо и швајцарскиот Лугано, вашето новогодишно патување ќе биде совршено. Како бонус, предлагаме посета на Венеција и уживање на плоштадот Сан Марко, Мостот на воздишките, Дуждевата палата, Прокуратите, Мостот Риалто, Каналот Гранде... Годината токму вака треба да почне!