Хургада – одмор за трагачи по адреналин и авантури

Од нуркање на егзотични локации во Црвено Море и пливање со делфини до пустински авантури, сафари и вечера со Бедуините – Хургада е создадена за трагачите по адреналин и вљубениците во активен и авантуристички одмор. Овој туристички египетски рај има толку многу да понуди па може да ви се случи да не знаете од каде да почнете да ги искусувате задоволствата со кои располага. За да ви помогнеме, ви претставуваме дел од активностите што може да се најдат на вашиот распоред, се разбира, во зависност од тоа какви авантури најмногу ве привлекуваат.



1. Нуркање во Црвено Море
 
Патувањето во Хургада не би било комплетно ако не се нурнете барем еднаш во живописниот свет на Црвено Море. Повеќето рисорти нудат нуркачки тури за искусни нуркачи и за почетници. Локациите важат за едни од најубавите на светот – со корални гребени, разновиден жив свет и кристални води. Температурата на водата ретко се спушта под 22 Целзиусови степени, дури и во длабоко во зимскиот период (декември-февруари). Налето, пак, температурата на водата достигнува и 30 степени. Временските услови, исто така, се исклучително поволни, со температури што се движат од 20 до 40 степени во зависност од периодот во годината. Видливоста е исклучителна и достигнува максимални 40 метри, поради што областа наликува на огромен аквариум и овозможува извонредни подводни фотографии.

2. Пливање со делфини
 
Ако некогаш сте сонувале да пливате со делфини, Хургада е местото каде што ќе ви се оствари сонот. Повеќе туроператори организираат релаксирачки тури со брод на отворено море со кои ќе можете одблизу да ги набљудувате овие разиграни морски цицачи, а во најголемиот број случаи и да пливате со нив. Една од најпопуларните локации за ваква авантура е Куќата на делфините (Dolphin House). 

3. Сурфање со параглајдер
 
Оние што сакаат поекстремни спортови, може да пробаат сурфање со параглајдер. Познатите центри за водни спортови во Хургада се високопрофесионални. На располагање е една од најголемите плажи – 12 километри мирни води прошарани со области во кои има налети на бранови, соврешени за почетници во овој спорт. Секако, за поискусните терените се поинакви – покомплексни и позабавни.

4. Едрење
 
Хургада има и повеќе центри што нудат часови и тренинзи по едрење. Има понуди и за почетници и за поискусни, па сигурно ќе најдете нешто за себе. Може да добиете приватни или групни часови за да ги осознаете техниките на овој забавен воден спорт. Сезоната за едрење трае од март до ноември, но најдобрите ветрови се налето – од јуни до октомври.

5. Пустинско сафари со џипови или со мотори
 
Со толку многу водни активности, туристите може да подзаборават дека буквално зад грб им се простира цел пустински свет за истражување. Една од атракциите што не треба да ги пропуштите е пустинско сафари со џипови или на мотори со четири тркала. Не мора да одите многу далеку од вашиот рисорт за да ги откриете оазите од акации опкружени со црвеникави песочни дини кои го креираат најголемиот дел од пејзажот на Источната Пустина.

6. Јавање камили
 
Без оглед дали сакате кратка прошетка покрај морето или час-два низ пустината, повеќето рисорти во Хургада ќе ви овозможат да пробате да јавате камила. Камилите ги водат обучени Бедуини, па не мора да се грижите околу вашите јавачки способности.

7. Броење ѕвезди
 
Светлата што го отсликуваат динамичниот ноќен живот на Хургада може да ве спречат да ги видите ѕвездите истурени на небото додека сте во самиот град. Но штом ќе излезете во пустината, „броењето ѕвезди“ станува една од најголемите атракции за посетителите на овој египетски рај. По зајдисонце се организираат т.н. астрономски тури, кои ќе ви овозможат со телескоп да уживате во чудата на ноќното небо над Хургада, кое е едно од најведрите во овој дел од светот.

8. На вечера со Бедиуините
 
Ова е уште една популарна вечерна атракција, која ја нудат повеќето хотелски комплекси. Турите до блиските бедуински населби најчесто се спроведуваат со камили и се можност да се доживее локалната кујна, зготвена на традиционален начин и во автентичен амбиент. Верувајте, тоа е гозба што не сакате да ја пропуштите.

9. Екскурзии до Каиро, Гиза, Луксор
 
Иако има околу 5,5 часа возење до Каиро, штета е да го посетите Египет, а да не одвоите еден ден за екскурзија до неговата престолнина. Секако, достапни се екскурзии и со авионски превоз. Овде задолжително посетете го прочуениот Музеј на Египет, кој документира повеќе од 5.000 години од египетската историја. Влезете во филмот на Индијана Џоунс зашто на само еден час возење од центарот на Каиро, се наоѓа Гиза со сета своја древна величественост. Уживајте во мистеријата на пирамидите и во колосалната убавина на Големата сфинга. 
Најголемиот музеј на светот на отворено, Луксор, пак, се наоѓа на 4 часа возење од Хургада. Тука задолжително посетете ги Долината на фараоните, каде што е и гробницата на Тутанкамон, Колосите на Мемнон, Храмот на кралицата Хатшепсут и Храмот во Карнак. 

Со Савана, Хургада е само на еден лет од вас.
>>> Погледнете ја целата програма